Вулканот Етна на Сицилија денеска почна да исфрла пепел и вулкански отпад, па властите го затворија аеродромот во вториот по големина град на Сицилија, Катанија, јавува италијанската новинска агенција Анса.

Во областа владее лошо време, а врвот на вулканот, висок повеќе од 3.300 метри, е обвиен со облаци. Италијанските служби за вулкани во моментов не можат точно да ја проценат ситуацијата.

Компанијата која управува со аеродромот во Катанија објасни дека поради еруптивната активност на Етна и големите количества вулканска пепел, која го прекрила аеродромот, летовите се прекинати додека не се обезбедат безбедносни услови.

Експертите од Националниот институт за геофизика и вулканологија соопштија дека поради облаците на врвот на вулканот не е можно да се набљудуваат преку видео надзор, но од утрото забележале тресење на земјата, а со тоа и ерупција на вулканска пепел, што е потврдено од гласните удари што се слушаат во Адрано и Бјанкавила.

Највисокиот вулкан во Европа е доста активен. Етна веќе исфрли лава оваа година.

(Vijesti.ba / ФЕНА)