Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, изјави дека Ријад и другите арапски држави заземаат неутрален став во украинско-рускиот конфликт и сакаат да ги задржат врските со двете страни.
Тој ова го изјави по завршувањето на самитот на Арапската лига во Џеда во петокот, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Од почетокот на кризата, арапските земји зазедоа позиција на позитивна неутралност, отворајќи дијалог со руската и украинската страна, истовремено обезбедувајќи ги арапските односи на двете страни“, рече дипломатот, додавајќи, „го поздравуваме слушањето на ставовите на двете страни на руско-украинскиот конфликт“.
Украинскиот лидер инсистираше, без да издвојува никого, дека некои арапски нации замижуваат пред московските „незаконски анексии“.
Саудиска Арабија одби да учествува во западните санкции против Москва, кои вклучуваат напори да го намали нејзиниот извоз на енергија. Континуираната соработка на Ријад со Русија преку ОПЕК +, картелот за извоз на нафта, наиде на критики од САД.
Ријад изрази надеж дека може да посредува за решавање на конфликтот, ветувајќи дека ќе ги задржи трговските и дипломатските врски со Русија и Украина.
По средбата со Зеленски претходно во петокот, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман зборуваше за „подготвеноста на кралството да продолжи со посредничките напори меѓу Русија и Украина“. Тој рече дека „ќе ги поддржи сите меѓународни напори насочени кон политичко решение на кризата на начин што ќе придонесе за постигнување безбедност“.
Саудискиот министер за надворешни работи ги посети Киев и Москва на разговори на високо ниво во 2022 година и подоцна рече дека Бин Салман бил вклучен во разговорите за размена на затвореници меѓу двете страни во септември минатата година, што тој го поздрави како „хуманитарен напредок“.
(ТБТ)









