Најмалку осум лица загинаа, а илјадници се раселени по обилните дождови што го погодија северниот италијански регион Емилија Ромања, соопштија во средата локалните власти.

Обилните врнежи предизвикаа излевање на 21 река, кои поплавија улици и куќи, а имаше и прекини во железничкиот сообраќај.

– Најмалку 5.000 луѓе се евакуирани од таа област – изјави министерот за цивилна заштита Нело Мусумеци.

Вкупниот број на градови погодени од поплавите е 36, додека одрони се забележани во 48 градови и села.

Властите ги предупредуваат жителите на погодените подрачја дека врнежите би можеле да траат уште 12 часа.

– Вонредната ситуација воопшто не е завршена… Спасувачките операции се сложени и може да ги доведат во опасност спасувачите – изјави Тити Постиљоне, заменик-шеф на италијанската агенција за цивилна заштита.

Трката во Формула 1, која требаше да се вози во Имола овој викенд, во близина на најтешко погодените области, е откажана.

– Одлуката е донесена затоа што не е можно безбедно да се одржи настанот за нашите навивачи, тимови и персонал – изјавија организаторите на Формула 1.

Пред две недели слични временски појави предизвикаа најмалку двајца смртни случаи и голема штета во истиот регион.

Мусумеци рече дека Владата будно ја следи состојбата и веќе има предвидено 10 милиони евра за оваа област.

Италија е погодена од долги периоди на суша во последниве години, но експертите велат дека другите екстремни временски настани, како што се бури и поплави, стануваат се почести поради климатските промени.

Поради долготрајната суша, почвата го апсорбира дождот помалку од вообичаено, со што се зголемува веројатноста за поплави.