Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на предизборен митинг во Истанбул ја обвини опозицијата дека работи во дослух со американскиот претседател Џозеф Бајден со цел да го собори од власт.

На собирот на неговите поддржувачи во Истанбул, Ердоган потсети на коментарите на Бајден од Њујорк Тајмс во јануари 2020 година, кога тој водеше кампања за Белата куќа и рече дека Вашингтон треба да ги охрабри противниците на Ердоган да го поразат на изборите, додавајќи дека тој не требаше да биде соборен со државен удар, пренесува Ројтерс.

„Бајден дал наредба да се собори Ердоган, тоа го знам. Тоа го знае целиот мој народ“, рече Ердоган (69).

„Ако е така, тогаш гласачките ливчиња ќе го дадат одговорот и на Бајден“, додаде тој, уверен во својата победа.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека Турција е долгорочен сојузник на САД и дека Вашингтон внимателно ќе ги следи изборите, додавајќи дека „САД не заземаат страна на изборите“.

Доколку ниту Ердоган ниту Киличдароглу не освојат повеќе од 50 отсто од гласовите во недела, вториот круг ќе се одржи на 28 мај.