Израелските сили во неделата демолираа палестинско основно училиште на окупираниот Западен Брег, повикувајќи се на безбедносни причини, што предизвика остри критики од Европската унија, која го финансираше проектот, пренесе АФП.
Палестинците фрлаа камења врз израелските сили кои употребија солзавец кон нив, додека булдожери влегоа на локацијата во селото Џабет ал-Диб во близина на Витлеем.
ЕУ соопшти дека е „згрозена“ откако израелските сили пристигнале на местото на училиштето во зори, за кое официјален претставник на палестинската управа рече дека опслужува 45 ученици и се состои од пет училници.
Караванот и училниците направени од лимена фолија беа исчистени од нивната содржина пред уривањето, јави дописникот на АФП.
COGAT, тело на израелското Министерство за одбрана, кое ги надгледува цивилните работи на окупираните територии, во март одреди рок од два месеца да ги ослободи просториите како што нареди судот во Ерусалим.
Ова тело утврдило дека училиштето е „диво изградено“ и претставува „безбедносен ризик“.
Ахмед Насер, службеник во палестинското Министерство за образование, изјави за АФП дека училиштето заменило друго училиште урната од Израел во 2019 година.










