Денес на аеродромот Ататурк во Истанбул се одржа митинг на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија), каде се собраа повеќе од 1.700.000 луѓе, јавува Анадолија.

Собирот се организираше во пресрет на парламентарните и претседателските избори кои се одржуваат на 14 мај. На средбата на присутните им се обрати турскиот претседател и претседател на АК Партијата Реџеп Таип Ердоган, кој е и кандидат на претстојните претседателски избори.

Ердоган најави голем број големи проекти во турската метропола Истанбул, вклучувајќи го и „Големиот тунел Истанбул“.

– Со Големиот тунел од Истанбул дополнително ќе го збогатиме транспортот во градот, поврзувајќи 11 различни железнички линии кои дневно ќе ги користат 6,5 милиони граѓани.

Го спроведуваме нашиот проект за голем тунел во Истанбул. По Мармарај и Евроазија, овој проект ќе биде трет тунел што ќе помине под Босфорот – рече Ердоган.
Турските граѓани на 14 мај ќе гласаат на претседателските и парламентарните избори, а ќе избираат меѓу четворица претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за пратеници.

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а за прв пат ќе гласаат над 4,9 милиони турски граѓани. Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, потоа Мухарем Инџе, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.

Избирачките места во недела на 14 мај ќе бидат отворени од 8 до 17 часот по локално време, во 87 региони. Избирачките места ќе бидат отворени и надвор од Турција, во 75 држави и 156 претставништва на оваа земја. Повеќе од 3,41 милиони граѓани се пријавени за гласање од странство.