Многу млади спијат со телефонот до глава за случајно да не пропуштат нешто и да бидат ‘аут’ наместо ‘ин’. Иако живееме во дигитално време, не треба да дозволиме мобилниот телефон да го диктира начинот на живот, вели психологот Софија Георгиевска.
Единасетгодишната ќерка на скопјанецот Сашо поминува најмалку три часа дневно со телефонот во рака.
„Имаме контрола на тоа што гледа, но на некои видеа има реклами кои не можеш да исконтролираш кога ќе се појават и не знаеш што ќе предизвикаат кај детто. Од тоа имаме и најголем страв како родители“, вели Сашо.
За да ја тргнат од мобилниот, вели, минуваат што повеќе време во природа со прошетки и спорт, а оди и на јога. Според таткото, што повеќе дружби со повеќе деца, тоа помалку ќе им текнува на децата дека телефонот постои, a повеќе контакти со други деца значат и поголема свесност дека другите постојат.
Нови дефиниции за пријателство
Поимот пријателство веќе се редефинира, затоа што младите многу време поминуваат онлајн и за оние кои имаат социјална анксиозност, можеби таа опција е поприфатлива, заклучува професорката по развојна психологија, Ана Фрицханд.
„Јасно се гледа дека се случуваат промени во релациите меѓу врсниците, во самото дефинирање – кој ви е пријател, како може да ви биде пријател, кого прифаќате во тој ваш социјален свет кој го живеете онлајн. Не смееме да генерализираме, не го прават тоа сите, но, добар дел од младите така функционираат. И оттука процесите на редефинирање на пријателството и на целата социјална интеракција и процес на социјализација се веќе започнати“, вели Фрицханд.
Кој кому робува?
На Филозофскиот факултет во Скопје неодамна се дискутираше за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите. Модераторката на настанот, професорката и психолог Софија Георгиевска, вели дека социјалните мрежи не само што влијаат врз чувството на осаменост кај младите, туку и во голема мера влијаат врз негативната слика за себе поради споредувањето со другите. А ако нема редовен контакт со другите во живо, очекувано е некој да се чувствува сам и тажен, вели таа.
Повеќе на РСЕ









