Меѓународниот суд на правдата (МСП) во четвртокот пресуди дека Вашингтон незаконски им дозволил на судовите да ги замрзнат имотите на иранските компании и им нареди на САД да платат компензација, чиј износ ќе биде одреден подоцна, објави Ројтерс. Но, МСП, исто така, истакна дека нема јурисдикција над замрзнатите средства од 1,75 милијарди долари на иранската централна банка, што е убедливо најголемиот износ што го бара Иран.
Одлуката доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Соединетите Држави и Иран, вклучително и по напорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и големите светски сили кои беа блокирани и поради руската употреба на ирански беспилотни летала против Украина.
Техеран поднесе тужба против Вашингтон пред МСП во 2016 година за наводно кршење на договорот за пријателство од 1955 година, дозволувајќи им на судовите да ги замрзнат имотите на иранските компании. Парите требаше да бидат искористени за обештетување на жртвите од терористички напади.
На минатогодишните сослушувања, САД тврдеа дека целиот случај треба да биде отфрлен бидејќи Иран има „нечисти раце“, а заплената на имотот е резултат на наводното спонзорство на тероризмот од страна на Иран. Судот целосно ги отфрли тие аргументи, а Иран ги негира обвинувањата за финансирање меѓународен тероризам.
Договорот за пријателство од 1950-тите беше склучен многу пред исламската револуција во 1979 година, која го собори проамериканскиот шах. Вашингтон конечно се повлече од договорот во 2018 година. И покрај тоа, судот пресуди дека Вашингтон го прекршил договорот бидејќи тој бил на сила во времето на замрзнувањето на средствата на иранските комерцијални фирми и други субјекти.
Судиите, исто така, објаснија дека МСП нема јурисдикција над средствата од 1,75 милијарди долари на иранската централна банка замрзнати од САД бидејќи банката не е комерцијален ентитет и затоа не е заштитена со договорот. Пресудите на тој суд се формално обврзувачки, но судот нема средства да ги спроведе.
(ТБТ)









