Палењето на автомобили со регистерски таблички на Република Косово (РКС) продолжи и синоќа на северот на Косово, каде живее српско мнозинство.
Во петокот вечерта изгореа уште три автомобили во општина Лепосавиќ, соопшти косовската полиција.
„Во Лепосавиќ беа запалени уште три автомобили. Дискредитирани и со намалена поддршка од косовските Срби, српските нелегални структури користат криминални и терористички тактики. Ќе надвладее правната држава и секој виновник ќе биде изведен пред лицето на правдата. Пироманскиот режим на Вучиќ ќе пропадне“, напиша на Твитер Блерим Вела, шеф на Кабинетот на претседателот на Косово.
Во текот на изминатите три дена вкупно осум автомобили беа опожарени во Зубин Поток, северниот дел на Митровица, Звечан и Лепосавиќ.
Палењето на автомобили на север предизвика многу реакции и кај локални и кај меѓународни претставници кои го нарекуваат „кукавички и криминални дела“.
Во Приштина палењето возила се смета за форма на притисок врз локалните Срби со намера да се спречат изборите за градоначалници на четири општини на северот на Косово и општинските совети во две општини, кои се закажани за 23 април, според N1. .
Во ноември минатата година, Косово и Србија постигнаа договор за табличките на автомобилите на северот на Косово. Со тој договор Србија се откажа од натамошното издавање на регистарски таблички со ознаката КМ, кои ги користеа Србите на северот на Косово, а Косово се откажа од казнување на сопствениците на автомобили со тие регистарски таблички.
(Vijesti.ba / ФЕНА)









