Премиерот на Израел му порача на Џо Бајден да остане настрана од внатрешната политика на Израел. Тој, исто така, отворено го отфрли предупредувањето на американскиот претседател дека не може „да продолжи по овој пат“ со неговата мошне контроверзна судска реформа. Во изјавата доцна во ноќта која навести за несогласување меѓу двајцата лидери, Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека американско-израелските односи се „нераскинливи“, но вети дека нема да потклекнува на притисокот од странските сојузници, пишува Телеграф.

„Сојузот меѓу Израел и САД е нераскинлив и секогаш преовладува над повремените разлики меѓу нас“, рече израелскиот лидер. Но, тој додаде: „Израел е суверена земја која ги носи своите одлуки според волјата на својот народ, а не врз основа на притисокот од странство, вклучително и оние од најдобрите пријатели“. Тоа се случи веднаш откако Бајден остро ги прекори плановите на Нетанјаху за неговиот пакет правни реформи, кои се длабоко непопуларни во Израел и доведоа до масовни протести без преседан.

Говорејќи пред новинарите, Бајден рече: „Како и многу силни поддржувачи на Израел, јас сум многу загрижен. И се надевам дека сфатија дека не можат да продолжат по овој пат. И тоа некако го разјаснив“. Тој додаде дека „се надева дека премиерот ќе постапи на начин на кој може да се обиде да постигне вистински компромис, но тоа останува да се види“ и рече дека во моментов нема планови да се покани Нетанјаху, најдолгиот премиер на Израел, да Белата куќа. На почетокот на оваа недела, израелскиот премиер сепак најави одложување на гласањето за реформата по невидени масовни штрајкови и протести. Стотици илјади луѓе излегоа на улиците низ израелските градови, а земјата застана бидејќи летовите беа приземјени, продавниците затворени и државните службеници штрајкуваа.

Критичарите на реформата велат дека таа ќе го трансформира Израел во диктатура давајќи ѝ на владата огромни овластувања над врховниот суд и назначувањето на судии. Некои од коалиционите сојузници на Нетанјаху, исто така, рекоа дека сакаат да го реформираат правниот систем за да може да се стави крај на судскиот процес против Нетанјаху за измама и корупција. Израелскиот премиер остро ги отфрла обвинувањата. Лидерите на протестното движење против реформите ветија дека ќе продолжат со протестите додека владата целосно не се откаже од реформата.

(ТБТ)