Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант ја критикуваше планираната судска реформа и рече дека го смета лутиот социјален спор околу потегот за закана за националната безбедност – и побара од премиерот Бенјамин Нетанјаху да го прекине процесот на промена на законот. После тоа, од кабинетот на Нетанјаху стигна известување дека премиерот го разрешил својот министер.
Галант е првиот министер од сегашната коалиција кој побара стопирање на реформите во судството. Тој, како и Нетанјаху, е член на Ликуд. Министерот за внатрешни работи Итамар Бен-Гвир, шефот на екстремно десничарскиот коалициски партнер на Нетанјаху, партијата Оцма Јехудит, јавно побара од премиерот да го отпушти Галант.
Нови протести, критики од странство
По разрешувањето на министерот за одбрана, опозицијата во Кнесетот (израелскиот парламент) објави дека Нетанјаху со тој потег ја преминал црвената линија. Во Израел, по веста за смената на Галант, десетици илјади луѓе спонтано се собраа на улиците, протестирајќи против политиката на шефот на владата. Според пишувањата на медиумите, гневните демонстранти ги „пробиле“ и барикадите кои биле поставени во близина на местото каде што живее Нетанјаху. Безбедносните сили потоа употребија водени топови против демонстрантите. Во Њујорк, израелскиот генерален конзул Асаф Замир ја објави својата оставка, бидејќи, како што вели, повеќе не може да и служи на владата на Нетанјаху во иднина.
Во соопштението за печатот објавено во саботата (25-ти март), Галант го критикуваше „растечкиот јаз што навлегува во институциите на армијата и одбраната“. А тоа, додаде, е јасна, непосредна и реална опасност за безбедноста на Израел. Дополнително, тој додаде: „Мораме да го запреме процесот, за да започнеме дијалог“. Галант го спомена Денот на независноста на Израел, 26 април, како краен рок за тие чекори.
Поранешниот шеф на Министерството за одбрана, како што тврди, во последните недели слушнал вознемирувачки изјави на командантот на израелската армија. Во соопштението за медиумите Галант зборуваше за „лутина, болка и разочарување, со таков интензитет каков што досега не сум доживеал.“ Министерот се осврна на бројни случаи на резервисти кои не се пријавиле на должност во знак на протест против планираните реформи во судството. . „Мораме да престанеме со каква било форма на противење на наредбите“, додаде Галант. Дополнително, (поранешниот) министер рече дека ги поддржува и реформите во судството, но нагласи и дека е неопходно да се постигне широк консензус во земјата.
Планираните судски реформи ја предизвикаа најдлабоката домашна политичка криза во Израел во последните години. Во саботата, стотици илјади луѓе во неколку израелски градови повторно демонстрираа против реформите. Планираната реформа на десничарската верска влада беше дочекана со жестоки критики во странство.
Тројната власт во опасност?
Клучен дел од реформата се однесува на идната процедура за избор на судии во Израел. Владата сака да го зајакне своето влијание и во исто време да ги намали овластувањата на Врховниот суд. Власта овој потег го оправдува со жалење дека, како што се тврди, судиите се мешаат во политиката. Критичарите ја обвинија владата на Нетанјаху, која вклучува конзервативци, верски фундаменталисти и ултрадесничарски националисти, дека сака да ја ограничи независноста на судството, односно дека ја загрозува демократијата во земјата – и предупредува за можна државна криза.
Минатиот четврток Нетанјаху го покани Галант на „репортажа“. По таа средба министерот изјави дека го информирал шефот на владата за последиците од реформата врз националната безбедност. Нетанјаху по средбата со Галант изјави дека е решен да ја спроведе реформата. Во понеделник наутро беше најавено обраќањето на премиерот до нацијата, но датумот беше одложен. Во израелските медиуми се шпекулира дека Нетанјаху може да објави дека се откажува од планираната реформа.
(ТБТ, медиуми)










