Во средата, Парламентот на Шведска со големо мнозинство го усвои законот со кој се овозможува на земјата да се приклучи на НАТО, за што сè уште е неопходно неговиот прием да биде ратификуван од сите 30 членки на Алијансата.
Усвојувањето на законот беше последната домашна пречка на патот на Шведска кон НАТО.
Шест од осумте партии застапени во Собранието беа за членство во НАТО, а самиот чин на гласање, кој следеше по речиси седумчасовна расправа, се сметаше за формалност.
Од 349 пратеници во Собранието, за тој закон гласаа 269, против беа 37, а отсутни беа 43.
– Членството во НАТО е најдобар начин да се заштити безбедноста на Шведска – изјави министерот за надворешни работи Тобијас Билстром за време на дебатата, пренесува Ал Џезира.
Тој го нарече „историски настан“ и „една од најважните историски одлуки на сите времиња“ за Шведска.
Со влезот во НАТО, Шведска ќе стави крај на двовековната воена неутралност.
Шведска и нејзиниот сосед Финска поднесоа барање за влез во НАТО во мај 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина.
Уште две земји од НАТО, Турција и Унгарија, треба да ја ратификуваат заедничката апликација на нордиските земји.
За прием на нови членки потребно е едногласно одобрение од сите членки на НАТО.
Шведска особено се соочува со приговори од Турција, која тврди дека во Стокхолм има членови на терористички групи, што шведските власти го негираат.
Анкара бара екстрадиција на луѓето кои ги смета за терористи како услов за давање зелено светло за членството на Шведска во НАТО.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела изјави дека Парламентот во Анкара ќе започне со ратификување на пристапот на Финска во НАТО, но го одложи во случајот со Шведска.
Истиот ден, унгарскиот парламент објави дека ќе гласа за ратификација на пристапот на Финска во НАТО на 27 март, но не и на Шведска.
(Vijesti.ba / ФЕНА)








