Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска со задоволство ја прими поканата на кралот на Саудиска Арабија Салман да го посети Ријад за да го зајакне зближувањето меѓу двете земји, изјави неговиот заменик началник на кабинетот.

„Во писмото упатено до претседателот Раиси, кралот Салман од Саудиска Арабија го поздравува постигнатиот договор меѓу двете братски држави, го поканува Раиси да го посети Ријад, а во исто време повикува на силна меѓусебна економска и регионална соработка. Господин Раиси ја прифати поканата со задоволство“, твитна заменик-шефот на кабинетот Мохамад Џамшиди.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан денеска изјави дека двете земји се договориле за претстојниот состанок на нивните шефови за надворешни работи. Тој додаде дека се предложени „три места“ за негово одржување, но не прецизираше кои.

Соопштението дојде откако Техеран и Ријад на 11 март одлучија да ги обноват дипломатските односи во рок од два месеци, по состанокот во Кина.

Сунитската Саудиска Арабија и шиитскиот Иран ги прекинаа односите во 2016 година, откако демонстрантите во Исламската Република ги нападнаа саудиските дипломатски претставништва, а на тоа му претходеше одлуката на Ријад да погуби познат шиитски свештеник.

Новиот договор меѓу двете ривалски сили од Блискиот Исток предвидува повторно отворање на двете амбасади, како и обврска да се почитуваат меѓусебниот суверенитет и да не се мешаат во „внатрешните работи“ на другата земја.

Како знак на поддршка за Ријад, другите земји од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Бахреин, ги намалија дипломатските врски со Техеран. Во последните неколку месеци, Емиратите и Кувајт ги обновија дипломатските односи со Иран.

(Vijesti.ba / Индекс)