Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) објавија дека досега испратиле вкупно 226 авиони за помош на настраданите од разорните земјотреси што на почетокот на февруари ги погодија Турција и Сирија.
Министерството за одбрана на ОАЕ на својот Твитер профил ги објави најновите податоци за операцијата за помош започната во земјата по наредба на претседателот на ОАЕ, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Операцијата за помош беше започната на 7 февруари, еден ден по земјотресите во Турција и Сирија.
Во соопштението се наведува дека акцијата за собирање помош продолжува и дека досега 226 авиони испорачале околу 7.249 тони помош за настраданите од разорните земјотреси.
Бројот на загинати во разорните земјотреси што на 6 февруари ја погодија јужна Турција достигна 48.448, објави во понеделникот министерот за внатрешни работи на земјата Сулејман Сојлу.
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер погодија 11 турски провинции. Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Турција беа погодени од разорните земјотреси, како и илјадници во северна Сирија.









