Стотици израелски писатели, автори и академици ги повикаа во вторник Германија и Велика Британија да ги повлечат поканите до премиерот Бенјамин Нетанјаху и да ја откажат неговата посета на двете европски земји, јавува Анадолија.
– Со оглед на опасното и деструктивно раководство на Бенјамин Нетанјаху, и во светло на противењето на многу израелски граѓани на законодавните потези и демонтирањето на државните институции во негови раце, бараме од Германија и Велика Британија да го информираат обвинетиот Нетанјаху за итно откажување на неговите планирани политички посети кај вас – се наведува во писмото потпишано од околу 1.000 израелски писатели и академици.
Како што наведоа, Израел се наоѓа во „најакутна криза, најлоша во својата историја, во забрзан и опасен процес на претворање на земјата од просперитетна демократија во теократска диктатура“.
Нетанјаху во четврток во Берлин треба да се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц, по што е планирана посета на Лондон.
Во текот на изминатите два месеци, илјадници Израелци излегоа на улиците за да протестираат против плановите на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за реформи во судството.
Реформата, предложена од министерот за правда Јарив Левин, ќе биде најрадикалната промена досега во системот на владеење во Израел.
Планираната промена сериозно ќе ги ограничи овластувањата на Врховниот суд на правдата, ќе и даде на Владата овластување да избира судии и ќе го прекине назначувањето правни советници во министерствата од страна на државниот обвинител.
Но, Нетанјаху, кому му се суди за корупција, инсистира дека неговиот план ќе ја унапреди демократијата во Израел.
(Vijesti.ba)










