Халил Алтинтоп, нов спортски директор на Кампусот на Баерн, Салихамиџиќ му посака добредојде

by Administrator

Фудбалскиот клуб Баерн Минхен во петокот го назначи Халил Алтинтоп за нов спортски директор на клупскиот кампус, а тој на таа позиција ќе го замени Холгер Зајц.

– Навистина се радувам на овој голем предизвик. Би сакал да ви се заблагодарам за укажаната доверба и ќе направам се за да ја продолжиме успешната заедничка работа во Кампусот – изјави Алтинтоп, пренесува Анадолија.

Хасан Салихамиџиќ, член на Извршниот одбор на Баерн, изјави дека клубот има голема доверба во Алтинтоп.

– Во Кампусот е три години, го познава клубот, знае како се одвиваат работите и има повеќе од 15 години искуство како професионален фудбалер. Со својата улога, Халил ќе продолжи да го развива кампусот. Со нетрпение очекувам да работиме заедно и му посакувам се најдобро – изјави Салихамиџиќ.

Алтинтоп ѝ се приклучи на академијата на Баерн во летото 2020 година како помошник тренер за играчите до 16 години, а подоцна раководеше со тимот до 17 години. Во последниве месеци, тој ги координираше младите играчи кои напредуваат во првиот тим и ги надгледуваше позајмените играчи на клубот.

Неговиот брат близнак Хамит е поранешен играч на Баерн Минхен.

Кампусот на ФК Баерн е спортски комплекс кој се наоѓа на северот на Минхен. Баерн го изгради меѓу 2015 и 2017 година. Кампусот располага со објекти за фудбал, кошарка, ракомет и пинг-понг, кои се распространети на површина од 30 хектари, а во него се наоѓа и седиштето на Академијата на клубот од Минхен.

You may also like