Во масакрот што се случи во четвртокот (9 март) вечерта во Хамбург, веројатниот сторител убил седум лица и се самоубил, јавуваат германските медиуми. Крвопролевањето се случило за време на богослужбата на Јеховините сведоци, јавува ДВ.
Германија е во шок по масакрот што се случи во просториите каде што се собираат Јеховините сведоци во Хамбург. Водечките политичари од целата земја изразија сочувство до семејствата на жртвите и се заблагодарија на полицијата во Хамбург за брзата акција. Утринава германските медиуми пишуваат дека во престрелка во населбата Алстердорф на северот на Хамбург, веројатниот сторител на повеќекратни убиства уби седум лица, а рани неколку десетици, меѓу кои и тешко повредени. На крајот, како што се тврди во медиумите, тој се самоубил.
Сторителот е 35-годишен Германец
Оваа информација на денешната прес-конференција ја потврдија истражните органи. „Крвопролевањето го извршил 35-годишниот германски државјанин Филип Ф. Според Криминалистичката полиција, тој до сега не им бил познат на безбедносните сили. Станува збор за поранешен припадник на Јеховините сведоци, кој ја напуштил заедницата пред година и пол, очигледно во расправија“, изјавил Томас Радзувајт од полицијата во Хамбург.
Полициската сила била алармирана синоќа во 21 часот и 4 минути. Само четири минути подоцна, првите полицајци пристигнаа на местото на злосторството во областа Алстердорф во северниот дел на Хамбург. Околу 50 луѓе присуствуваа на верска церемонија во зградата на Јеховините сведоци во моментот на нападот.
Сенаторот за внатрешни работи на Хамбург Енди Грот на прес-конференција рече дека брзата акција на полициските сили очигледно спасила многу животи. Напаѓачот имал дозвола за носење оружје, а со себе имал и поголема количина муниција. Гроте рече дека ова е најтешкото злосторство во поновата историја на градот Хамбург и додаде дека меѓу жртвите има и „едно неродено дете, кое било застрелано во утробата на мајката, во седмиот месец од бременоста“.
Сојузниот канцелар Олаф Шолц најпрвин реагираше преку Твитер, каде напиша дека тоа е „страшна вест од Хамбург“, односно „брутален чин на насилство“. Шолц, кој меѓу 2011-2018 г ја држеше функцијата градоначалник на Хамбург, тој додаде дека неговите мисли се со жртвите, нивните роднини и безбедносните сили „кои зад себе имаат тешка акција“.
И германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер преку Твитер изјави дека е „потресена“ од „страшното насилство“, а во истиот твит нагласи дека надлежните органи прават се за брзо расветлување на позадината на трагедијата.
Реагираал и сојузниот претседател
Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер реагираше на веста од Хамбург „со големо чудење“. Една од неговите портпаролки напиша во име на претседателот на СР Германија дека неговите мисли „се со загинатите и нивните семејства – им изразувам најдлабоко сочувство на овој ден на болка“. Штајнмаер изрази уверување дека многу луѓе во Германија во овој момент чувствуваат искрено сочувство и на повредените им посака брзо закрепнување.
И претседателката на Бундестагот, Барбел Бас, додава дека е „тешко погодена“ од вестите од северногерманската метропола.
Полицијата зборува за осум жртви
Засега се уште се целосно нејасни околностите на крвопролевањето што се случи во четвртокот околу 21 часот. Според полицијата има осум жртви меѓу кои и веројатниот напаѓач. Неколку лица се ранети, од кои некои потешко, соопшти полицијата во Хамбург.
Сенаторот за внатрешни работи од Хамбург, Енди Грот, најави прес-конференција за петок околу пладне, на која треба да изнесе детали за тоа што се случило во просториите на Јеховините сведоци, односно за најновите сознанија на истражните органи.
Полицијата бара помош од граѓаните
Истрагата на местото на злосторството се уште е во тек. Според информациите од безбедносните кругови кои ги пренесуваат германските медиуми, полицијата во Хамбург засега претпоставува дека сторителот, кој најверојатно е одговорен за крвопролевањето, се самоубил во зградата во која тогаш се одржувала богослужбата на Јеховините сведоци.
Како што пренесува „Дер Шпигел“, можно е сторителот да е поранешен припадник на таа верска заедница. Тој, како што се наведува понатаму, со пиштол пукал во жртвите.
Без разлика, полицијата во моментов трага по други можни напаѓачи – и бара од граѓаните да излезат со евентуални сведоци на масакрот, кои би им помогнале на инспекторите со давање вредни информации за чинот. Сите релевантни информации, односно фото или видео материјал може да се „постават“ преку веб-страницата на полицијата во Хамбург.
Кои се Јеховините сведоци?
Јеховините сведоци објавија дека биле „длабоко погодени од страшното крвопролевање“ на собирот на членовите на нивната заедница. „Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите и трауматизираните сведоци“, се вели во соопштението што тие го објавија веќе во текот на ноќта. Јеховините сведоци се христијанска заедница која ја толкува Библијата на свој начин. Тие веруваат во Јехова како семоќен Бог и Творец, убедени се дека доаѓа нов свет, во кој ќе се „спасат“ само избраните заедници.
Во светот има околу осум милиони Јеховини сведоци. „Светското седиште“ се наоѓа во Њујорк. Германската заедница има околу 200.000 членови. Црковните и верските експерти често ги обвинуваат за тоталитарни структури. Јеховините сведоци, како што велат критичарите, очекуваат апсолутна послушност од своите членови, без да поставуваат никакви критични прашања.
Градоначалникот на Хамбург шокиран
Своето длабоко сочувство за семејствата на жртвите и нивните најблиски преку Твитер изрази и градоначалникот на Хамбург, Петер Шенчер. Неговата заменичка Катарина Фегебанк им се заблагодари на сите припадници на безбедносните служби кои „со сите сили“ работат на пронаоѓање на можните сторители и расветлување на околностите на овој „страшен чин“.
(Vijesti.ba)









