Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес вети дека ќе го обнови јужниот регион на Турција, кој минатиот месец беше погоден од силни земјотреси во кои загинаа најмалку 46.104 луѓе.

– Денеска, кога ја оставаме зад себе четвртата недела од земјотресот, појасно ја гледаме големината на катастрофата што ја доживеавме и подлабоко ја чувствуваме болката од нашите загуби – рече Ердоган по состанокот на Владата во главниот град Анкара.

Земјотреси со магнитуда 7,7 и 7,6 погодија 11 турски провинции на 6 февруари – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмарас, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа. Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Турција беа погодени од разорните земјотреси, како и многумина во северозападна Сирија.

– Нашата цел е во следните два месеци да започнеме со изградба на 244.000 домови и 75.000 рурални куќи – рече Ердоган, додавајќи дека веќе е започната изградбата на 22.000 згради.

Во рок од една година ќе бидат изградени вкупно 488.000 нови домови за жртвите од катастрофи во областите погодени од земјотресот, додаде турскиот претседател.

Ердоган истакна и дека во рок од два месеца ќе бидат поставени 100.000 контејнери во регионот за 500.000 жртви од земјотресот да живеат во подобри услови.

(Vijesti.ba)