Според истражувањето на една австралиска тинк-тенк организација, Кина е пред Соединетите Американски Држави (САД) во 37 од 44 технолошки области, пишува Анадолу.
Кина, која на светската сцена промовира големи технолошки компании благодарение на своите големи инвестиции во технологијата во последните години, продолжува со својата доминација на многу полиња. Најновото истражување на австралиската тинк-тенк организација „Австралиски институт за стратешка политика“ јасно ја покажува технолошката супериорност на Кина. Додека Кина е во водство во 37 од 44 технолошки области, САД се пред Кина во само 7 области.
Според извештајот на Австралискиот институт за стратешка политика, Кина е пред САД во многу области, како што се беспилотни летала, машинско учење, електрични батерии, нуклеарна енергија, квантни сензори и напредна анализа на податоци, алгоритми за вештачка интелигенција, напредни роботи, автономни системи и синтетичка биологија.
САД предничат во полињата како што се напредното дизајнирање и производство на интегрирани кола, обработка на информации со високи перформанси, обработка на природни јазици, квантен компјутер, вакцини и превентивни медицински мерки, мали сателити и системи за лансирање во вселената.
– И Турција е меѓу топ 10 земјите во одредени полиња –
Според истражувањето, Велика Британија и Индија, исто така се меѓу првите 5 земји во 29 од 44 технолошки полиња. Јужна Кореја се издвојува меѓу првите 5 земји во 20 полиња, додека Германија е во топ 5 во 17 технолошки полиња. Австралија е меѓу првите 5 земји во 9 технологии, Италија во 7, Иран во 6, Јапонија во 4 и Канада во 4 технологии. Русија, Сингапур, Саудиска Арабија, Франција, Малезија и Холандија се меѓу првите 5 земји со 1 или 2 технологии.
Во извештајот се наведува дека Турција е меѓу првите 10 земји во светот во некои технолошки категории, но не се дадени информации за кои од овие категории станува збор.
– Кина има голема предност на полето на 5G –
Супериорноста на Кина, која е во водство во многу нови технологии, од смарт фабрики до автономни возила, го привлекува вниманието и со својата позиција на полето на 5G и 6G-мрежата. Кина е на врвот на листата со 29,6 отсто, САД се втори со 9,5 отсто, Обединетото Кралство е трето со 5,1 отсто, Јужна Кореја е четврта со 4,9 отсто и Индија е петта со 4,8 отсто.
Во областите како што се алгоритми за вештачка интелигенција и хардверски акцелератори, Кина е на врвот со 36,2 отсто. Следуваат САД со 13,2 отсто, Велика Британија со 4,2 отсто, Јужна Кореја со 4,1 отсто и Индија со 3,5 отсто.
– Кинески монопол во електричните батерии –
Кина е во убедливо водство пред другите земји во однос на производството на батерии, една од најважните компоненти на електричните возила. Станува збор за технологија на која ѝ се посветува големо значење поради глобалното затоплување. Кина е на прво место на ова поле со 65 отсто, по која следуваат САД со 11,8 отсто, Јужна Кореја со 3,8 отсто, Германија со 2,8 отсто и Австралија со 2,4 отсто.










