Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата вети дека ќе ги надмине последиците од силните земјотреси кои минатиот месец го погодија јужниот регион на земјата и однесоа повеќе од 45.000 животи, и повтори дека изборите ќе се одржат на 14 мај.

– Се надеваме дека ќе ги избришеме трагите од земјотресот што е можно поскоро – рече Ердоган на состанокот на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот (АК Партијата).

Тој додаде дека научниците ги нарекле земјотресите „невообичаени“, истакнувајќи дека Турција била погодена од „земјотресна бура“.

– Ќе ги отстраниме урнатините, ќе ги залечиме раните, ќе ги замениме уништените домови со нови, ќе изградиме нова иднина и нов живот за нашиот народ – рече Ердоган.

По повод претстојните претседателски и парламентарни избори во Турција, Ердоган повтори дека изборите ќе се одржат на 14 мај, како што беше претходно планирано.

– Знајте добро дека овој народ на 14 мај ќе го направи она што е потребно – рече Ердоган.

По разорните земјотреси се шпекулираше дека изборите може да се одложат и да се одржат на 18 јуни.

Ердоган претходно изјави дека 14 мај е најпогоден датум за одржување избори.

Тој посочи и дека секој кој е одговорен за дефектите во изградбата на урнатите објекти треба да одговара на правна, административна и политичка одговорност.

Ердоган најави и формирање на фонд за брза реконструкција, обнова и изградба на градовите по земјотресот.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари се искачи на 45.089, соопшти рано во средата тамошната агенција за управување со катастрофи АФАД.

Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени погодија 11 турски провинции на 6 февруари – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмарас, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.

Повеќе од 13 милиони луѓе во Турција беа погодени од земјотресите, како и многумина во северозападна Сирија.

Анадолија