По денешниот земјотрес во Малатија, Турција, 32 лица се извлечени од под урнатините, а продолжуваат операциите за пребарување и спасување на урнатините на две згради, соопшти Управата за вонредни ситуации на Република Турција (АФАД).

Претседателот на АФАД, Јунус Сезер, денеска во Анкара изјави дека како последица на денешниот земјотрес се урнале 29 станбени згради, а во операциите за пребарување и спасување се вклучени 657 лица.

– Едно лице загина во земјотресот, 32 се спасени, а акцијата за спасување е во тек во уште две згради – рече Сезер.

Тој потсети на претходното предупредување на АФАД до граѓаните да не влегуваат во оштетените згради.

– Телефонски ги известивме сите наши граѓани кои се во погоденото подрачје и тоа го правевме и претходно. Постојано се случуваат последователни потреси, а нашите оштетени објекти се во опасност од уривање – предупреди АФАД.

Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди областа Јешиљурт во Малатија, Турција. Регистриран е во 12:04 часот по локално време.

Анадолија