Високо рангирана израелска дипломаткиња денеска беше исфрлена од самитот на Африканската унија (АУ), откако ескалираше спорот околу акредитацијата на Израел.

Сликите објавени на интернет покажуваат судир на безбедноста на АУ со дипломаткињата на церемонијата на отворањето на самитот, пред таа да ја напушти салата.

„Израел со вознемиреност гледа на инцидентот во кој заменик-директорот за Африка, амбасадорката Шарон Бар-Ли, беше исфрлена од самитот на АУ и покрај фактот што таа беше акредитирана како набљудувач и имаше влезна картичка“, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.

Еба Калондо, портпаролка на претседателот на комисијата на АУ, изјави дека на Бар-Ли и бил забранет пристапот бидејќи не била соодветно акредитиран амбасадор во Етиопија, односно службеник кој се очекува на самитот.

Израел ги обвини Јужна Африка (ЈАР) и Алжир, двете клучни земји во блокот од 55 нации, за инцидентот, тврдејќи дека ја држат АУ како заложник и мотивирани од „омраза“.

Ги повикуваме африканските земји да се спротивстават на таквите потези кои и штетат на самата Африканска унија и на целиот континент“, се додава во соопштението на израелското Министерство.

ЈАР ги отфрла обвинувањата и тврди дека земјите не се договориле за барањето на Израел за статус на набљудувач на самитот и дека тоа не е прашање на нив или на Алжир, туку на принцип.

ЈАР е жесток поддржувач на Палестинците, а со алжирската делегација не можеше да се контактира.