Ерменија му достави на Азербејџан нацрт мировен договор за ставање крај на конфликтот меѓу двете кавкаски земји околу Нагорно Карабах, изјави во четвртокот ерменскиот премиер Никол Пашинјан, пренесува Ројтерс.
Двете поранешни советски републики се во расправија од распадот на СССР во раните 1990-ти околу контролата врз Нагорно-Карабах, претежно ерменски регион во Азербејџан. Првиот конфликт, во кој загинаа 30.000 луѓе, заврши со победа на Ерменија, но Азербејџан започна втора војна во есента 2020 година, која врати голем дел од територијата. Во тој конфликт загинаа околу 6.500 луѓе. Медијацијата на меѓународната заедница за изнаоѓање мирно решение досега не даде резултати.
Нашите предлози се доставени до Азербејџан, рече Пашинјан на владината седница, појаснувајќи дека станува збор за нацрт мировен договор и за воспоставување дипломатски односи со Баку. Според него, тој документ треба да биде прифатлив за Азербејџан. „Потписот на другата страна ќе донесе траен мир“, рече Пашинјан.
Понудата за мир доаѓа откако Ерменија неодамна го обвини Азербејџан за „етничко чистење“ во Нагорно-Карабах, принудувајќи ги преостанатите Ерменци да ја напуштат областа, каде што главниот пат е блокиран веќе два месеци, а снабдувањето е невозможно. Од средината на декември, Азербејџанците, претставувајќи се како екологисти, протестираат против илегалните рудници и ја блокираа клучната рута што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија. Поради ова, околу 120.000 луѓе во таа ерменска енклава се без струја, греење и интернет, а тешко е и снабдувањето со лекови и храна. Ерменија постојано ги обвинуваше руските мировници дека не прават доволно за да ја прекинат блокадата.










