Амбасадорот на Република Турција во Пекинг, Абдулкадир Емин Онен, во вторник изјави дека од Кина во Турција се испратени 254 тони помош по разорните земјотреси во јужните турски провинции.
Амбасадорот Онен рече дека презеле опсежни мерки во амбасадата во Пекинг по земјотресот што ја погоди Турција минатата недела и го олесниле испраќањето на кинеските спасувачки тимови.
Тој додаде дека на аеродромот во кинеската престолнина е отворен магацин каде се собира хуманитарна помош за Турција, пишува АА.
Турскиот амбасадор изрази благодарност до кинеската влада за поддршката на настраданите од земјотресот, додавајќи дека меѓу доставените материјали има и 5.177 зимски шатори.
Тој истакна дека во рок од два дена ќе бидат обезбедени уште 5.922 шатори, истакнувајќи дека до крајот на неделата во Турција ќе бидат испратени дополнителни 20.000 шатори.










