Турција е благодарна на сите земји за помошта што ја дадоа во операциите за пребарување и спасување и напорите преземени по разорните земјотреси, изјави во вторник турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган во видео порака по повод Светскиот владин самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, рече дека спасувачките тимови досега извлекле живи над 8.000 луѓе од урнатините на зградите по земјотресот што во понеделникот минатата недела ја погоди јужна Турција.
Тој додаде дека голем број од над 81.000 повредени во земјотресите веќе се отпуштени од болниците.
– Би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на сите пријателски и братски земји кои деноноќно собираат помош за нашиот народ, ги поддржуваат нашите напори за потрага и спасување со своите тимови и мислат на нас во нивните молитви – рече Ердоган.
Тој посочи дека Турција се соочува со една од „најголемите природни катастрофи“ не само во нејзината историја, туку и во историјата на човештвото.
Тој нагласи дека Турција никогаш нема да го заборави пријателството со другите земји во овие тешки денови. Ердоган истакна дека оваа катастрофа „уште еднаш ја покажа важноста на меѓународната солидарност“.
Тој потсети дека Република Турција добила пораки за поддршка и сочувство од повеќе од 100 земји.
Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Турција со епицентар во провинцијата Кахраманмарас на 6 февруари, а бројни спасувачки тимови се уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.
Повеќе од 31.600 луѓе загинаа во Турција, а повеќе од 80.000 беа повредени.
Земјотресите погодија и неколку други земји и предизвикаа големи разурнувања во северна Сирија, каде што бројот на загинати надмина 3.600.
(Vijesti.ba)









