Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Русија побарала од своите граѓани веднаш да ја напуштат земјата, објавено е на веб-страницата на тоа дипломатско претставништво.
„Американските граѓани треба да се воздржат од одење во Русија поради непредвидливите последици од конфликтот во Украина. Американците кои живеат во таа земја треба веднаш да заминат поради ризикот од апсење“, се вели во соопштението на американската амбасада во Москва.
Во соопштението се наведува дека руската страна би можела да им ускрати на американските државјани признавање на двојно државјанство и пристап до конзуларна помош, да ги спречи да ја напуштат земјата и да ги ангажира во воена служба, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
На 28 септември, американската амбасада објави слично предупредување во кое ги замолува своите граѓани да ја напуштат Русија „додека имаат шанса“.
(Vijesti.ba / Срна)










