Претседателот на Израел, Исак Херцог, вечерва имаше посебно обраќање до нацијата во кое порача дека Израел е во судбоносни денови.
Тема на обраќањето беше реформата во судството, што е прашање кое во последните недели предизвика големо незадоволство кај опозицијата, но и кај десетици илјади граѓани кои се собираат на протестите низ државата.
Во обраќањето до нацијата, Херцог изјави дека работел во последните недели на постигнување широк договор за контроверзните предлози на владата за реформи во судството.
„Сите ќе загубиме. Државата Израел ќе загуби ако не се постигне консензус. Семејствата на жртвите од последните напади побараа од мене да престанам со ова лудило. Оваа поделба повеќе не е политичка криза. Ние сме на работ на уставен и социјален колапс“, истакнал Херцог.
Претседателот на Израел се осврнал и на протестите организирани од граѓаните кои се насочени против предложените измени во правосудниот систем.
„Тоа се патриоти кои го користат своето право на протест. Тие се целосно посветени на судбината на нацијата и државата. Сите чувствуваме дека сме момент пред конфликт. Буре барут ќе експлодира, а брат ќе крене рака против брат. Надворешните закани се доволно лоши. Внатрешното насилство од секаков вид, а особено врз јавните службеници е црвена линија што не смееме да ја преминеме“, изјавил израелскиот претседател.
Коментирајќи ги предлозите на владата за преглед, Херцог рекол дека рамнотежата помеѓу трите гранки на власта е клучна.
„Пакетот реформи на владата во нивната сегашна форма предизвикува длабока загриженост поради нивниот потенцијал да им наштетат на демократските институции на Израел. Милиони граѓани, заедно со Евреите од дијаспората, ја гледаат реформата како вистинска закана за израелската демократија“, посочува Херцог.
Активистите тврдат дека законските измени предложени од премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе го ослабат Врховниот суд, ќе го ограничат судскиот надзор и ќе обезбедат политичка контрола врз судиските назначувања.
Критичарите велат дека плановите ќе ги поткопаат правата на малцинствата и ќе ја отворат вратата за уште поголема корупција.
Тие го обвинија Нетанјаху дека се обидел да избега од судската постапка против него, додека, потсетуваме, му се суди по обвиненија за корупција кои тој ги негира.
Нетанјаху ги окарактеризира протестите како одбивање на неговите противници да ги прифатат резултатите од општите избори во ноември кои ја создадоа најдесничарската влада во историјата на Израел.
Првото читање на некои од контроверзните предлози треба да се одржи во понеделник поради повиците за делумни штрајкови на бизнисите и професионалните групи.
По повод најавата за првото читање на законот, Херцог упати порака и до новата влада.
„Не носете го сегашниот предлог на прво читање. Измерете ги принципите што ги поставив денес како основа за дискусија пред првото читање“, завршил тој.








