Слаб земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е почувствуван вечерва во неколку делови на Либан, соопшти Сеизмолошкиот центар на Европа и Медитеранот.

Овој последен земјотрес следи по смртоносниот земјотрес што се случи во понеделникот во Турција, кој исто така го потресе Либан, но не предизвика жртви или повредени.

Според сеизмолошкиот центар, епицентарот е лоциран во областа Аарсал, во североисточниот дел на Либан, во близина на сириската граница.

Според дописникот на L’Orient Today од југот, потресот бил почувствуван во градот Саида. Жителите на Северот, исто така, го почувствуваа земјотресот, јави дописникот на L’Orient Today од регионот.

Неколку извештаи за потреси пријавија и жители на Бејрут, планината Либан и Баалбек. Според сеизмолошкиот центар, потресот бил почувствуван и во Сирија.

Во смртоносниот земјотрес во понеделникот загинаа повеќе од 11.000 луѓе во Турција и Сирија, според најновите достапни податоци. Шест Либанци во тие земји загинаа во катастрофата.