Европската унија вети силна поддршка за Украина на самитот во Киев во петокот, но не постави „тешки рокови“ за пристапување на земјата во блокот.
„Нашата цел е да започнеме преговори оваа година“, рече претседателот Володимир Зеленски, кој се надева дека Унијата ќе понуди забрзан пат кон членството.
Запрашана за динамиката на пристапот на Украина на заедничката прес-конференција, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека „нема ригидни рокови, но има цели што Украина треба да ги постигне“.
Сепак, таа ги пофали напорите на Киев во реформите што се спроведуваат „прецизно, квалитативно и брзо“, опишувајќи ги овие напори како „феноменални“ во време кога беснее војната.
На самитот беше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој рече дека „иднината на Украина е во Европската унија“ и ја повика владата да работи на зајакнување на владеењето на правото. Ние ќе бидеме со вас на секој чекор од патот“, рече Мишел.
Во заедничката изјава се споменува решеноста на Украина да ги започне пристапните преговори што е можно поскоро, но не се споменува конкретен датум.
За можните понатамошни чекори во однос на пристапувањето, „ЕУ ќе одлучи кога ќе бидат исполнети сите услови наведени во мислењето на Комисијата. „Украина ја истакна својата решеност да ги исполни сите неопходни барања со цел што поскоро да ги започне пристапните преговори“, се вели во соопштението.
Одобрениот кандидатски статус за членство во ЕУ
Минатиот јуни, Европската унија и додели на Украина статус на кандидат за членство во ЕУ. Киев аплицираше за членство четири дена по почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари.
„Домашната задача“ на Украина вклучува реформи во изборот на судии на уставниот суд, зајакнување на борбата против корупцијата и перењето пари и ограничување на влијанието на олигарсите.
На крајот од дводневната посета на Киев, фон дер Лајен и Мишел ја истакнаа обединетата поддршка на блокот за Украина како што се приближува првата годишнина од инвазијата.
„ЕУ ќе ве поддржува на секој можен начин колку што е потребно“, рече Мишел. „Кремљ не нè спречи и нема да не спречи да го сториме тоа“, додаде тој.
Тројцата официјални лица разговараа и за санкциите на ЕУ против Москва, вклучувајќи го и десеттиот пакет што Унијата планира да го објави пред годишнината од инвазијата.
Меѓу темите беа и опциите Русија да одговара за воените злосторства, извозот на жито и обновата на Украина.
(Vijesti.ba)








