Расмус Палудан, лидерот на екстремно десничарската данска партија Страм Курс, денеска, под полициска заштита, изврши провокативен чин на палење на светата книга Куранот пред џамија во Копенхаген, главниот град на Данска, јавува Агенција Анадолија (АА).

Палудан, кој на 21 јануари го запали Куранот пред Турската амбасада во шведскиот главен град Стокхолм, овој пат провокативниот чин го изврши во Копенхаген.

Палудан запали примерок од Куранот пред џамијата во квартот Дортеавеј по џума намаз, петочната молитва.

Лидерот на екстремната десница најпрвин мавташе со светата книга за да го привлече вниманието на муслиманите додека ја напуштаа џамијата од молитвата.

Верниците само погледнаа во правец на Палудан и не реагираа на неговите провокации.

Претставниците на џамијата ги советуваа муслиманите да се држат настрана од местот по молитвата, за да избегнат какви било провокации.

Данската полиција ги затвори околните улици и презеде строги безбедносни мерки околу џамијата.

Полицијата во еден момент предупреди група млади муслимани кои во рацете држеа вода и противпожарен апарат.

Палудан по 40 минути ја напушти областа под полициска заштита.

– Ова не е првпат –

Калид ал Субејхи, волонтер во џамијата, во интервју за АА вели дека се навикнати на вакви ситуации, што не е првпат.

Тој потсети дека Палудан повеќе од две години ја спроведува истата провокација пред џамиите во Данска.

„Нашата порака до него: ’Немој тоа да го правиш, тоа не е слобода на изразување.‘ Ова е провокација за муслиманското малцинство во Данска“, рече Ал Субејхи.

Тој додаде дека е важно муслиманската заедница да не биде испровоцирана.

„Тој е болен човек. Тој сака да ги провоцира муслиманите“, рече тој.

Турскиот државјанин Седат Ѓузел истакна дека „99 отсто од данските граѓани се против провокациите на Палудан“.

Палудан вчера на својот профил на социјалните мрежи објави дека ќе запали примерок од Куранот пред џамија во Данска, како и пред Турската и Руската амбасада, а данските власти му дадоа дозвола за тоа.

– Палудан го запали Куранот во Шведска –

Палудан на 21 јануари запали примерок од Куранот пред Турската амбасада во Стокхолм, главниот град на Шведска.

Многу муслимански земји, особено Туркије, жестоко реагираа бидејќи шведската Влада му дозволила на Палудан да го изврши провокативниот чин на палење на Куранот.

Едвин Вагенсвелд, водач на холандското движење „Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот (ПЕГИДА)“, исто така искина примерок од Куранот во Хаг минатиот викенд.

Во Туркије и во многу други земји се одржаа голем број протести по сквернавењето на Куранот во Шведска и Холандија.