Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека некои луѓе не разбираат колку е важно земјата да влезе во НАТО и додаде дека провокаторите се обидуваат да го спречат членството на Шведска во Алијансата.
Кристерсон, придружуван од шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром и министерот за одбрана Пал Јонсон, им се обрати на новинарите во Стокхолм и истакна дека неговата земја се соочува со најсериозниот безбедносен проблем од Втората светска војна.
– Некои не разбираат колку е сериозен влезот на Шведска во НАТО. Провокаторите се обидуваат да го спречат членството на Шведска. Сакаме да се вратиме на дијалогот со Турција. Турција самостојно носи одлуки, тоа мора да го почитуваме. Сакаме да ја смириме оваа ситуација – изјави Кристерсон.
Потсетувајќи дека Финска сака да влезе во НАТО заедно со Шведска, Кристерсон изјави дека Финска се уште сака да влезе во НАТО со Шведска, но дека нема да биде спречена во тоа само ако некој го блокира влезот на Шведска.
Осврнувајќи се на последните изјави на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за Шведска, Кристерсон рече дека не сака да ги коментира тие изјави, но оти смета дека тоа не треба да се толкува како Ердоган да ја затвори вратата на Шведска во НАТО.
– Шведска сака отворено да зборува за членство во НАТО. Овде 28 земји веќе донесоа индивидуални одлуки за членство на Шведска и Финска во НАТО, Турција одлучува сама. Шведска бара функционален дијалог за да го почитува договорот меѓу Финска и Турција и тоа не е спорно. Во спротивно, има последици по шведската безбедност – рече шведскиот премиер.
Во саботата се одржа митинг под полициска заштита во центарот на Стокхолм и пред турската амбасада, каде данскиот екстремен политичар Расмус Палудан го запали Куранот. Тоа предизвика бурни реакции од исламскиот свет, а турскиот претседател Ердоган рече дека оние кои ги одобруваат и игнорираат ваквите грозоморни акти на навреда на муслиманите и исламот не можат да очекуваат турска поддршка и одобрение за влез во НАТО.










