Иран денес остро ги осуди новите санкции наметнати од Европската унија и Велика Британија и соопшти дека ќе возврати откако Западот го засили притисокот врз Техеран поради неговото задушување на протестите.
Иран наскоро ќе објави список на нови санкции против прекршителите на човековите права во ЕУ и Англија, се вели во соопштението на портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Европската унија воведе санкции за повеќе од 30 ирански функционери и организации, вклучително и единици на моќната Револуционерна гарда, обвинувајќи ги за „брутално“ задушување на немирите и други прекршувања на човековите права.
Соединетите Американски Држави и Велика Британија, исто така, воведоа нови санкции кон Иран, што укажува на влошување на и онака лошите односи на Западот со Техеран.
Санкциите се последниот одговор на иранското смртоносно задушување на немирите по смртта на младата иранска Курдка, Махса Амини, во притвор на полицијата за морал во септември, пишува Ројтерс.










