Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во вторникот ги повика Германија и нејзините сојузници да и снабдат на Украина борбени тенкови и напредни системи за оружје.

– Во овој клучен момент од војната мораме да и обезбедиме на Украина потешки и понапредни системи. И тоа мораме да го направиме побрзо – рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Берлин.

Столтенберг предупреди дека Русија се подготвува за нови офанзиви и рече дека сојузниците треба да ја засилат воената поддршка за Украина.

– На Украина и требаат борбени тенкови за да ги одбие руските напади и да ја ослободи својата територија, да победи и да преовладува како суверена независна нација во Европа – рече тој.

Столтенберг додаде дека со Писториус во вторникот разговарал за испорака на борбени тенкови „Леопард“ во Украина, наведувајќи дека е уверен оти наскоро ќе се постигне решение.

Анадолија