Вооружени напаѓачи убија поранешна авганистанска пратеничка и еден од нејзините телохранители во главниот град Кабул во напад во текот на ноќта во нејзиниот дом, соопшти полицијата во неделата.
Мурсал Набизада беше парламентарка во периодот кога владата беше поддржана од Соединетите Американски Држави и беше соборена од талибанците во август 2021 година.
– Набизада заедно со еден од нејзините телохранители е застрелана во нејзиниот дом. Безбедносните сили започнаа сериозна истрага за инцидентот – изјави портпаролот на полицијата во Кабул, Калид Задран, додавајќи дека во нападот што се случи ноќта меѓу саботата и неделата е ранет и братот на поранешниот пратеник.
Набизада (32) е по потекло од источната провинција Нангархар, а за парламентарка е избрана од Кабул во 2018 година, пишува Франс прес.
Жените заземаа истакнати позиции во авганистанското општество во двете децении по инвазијата на Авганистан предводена од САД, при што многумина станаа судии, новинари и политичари. Сепак, многу жени во такви професии ја напуштија земјата откако Талибанците се вратија на власт.
Талибанските власти брзо ги истиснаа жените од речиси сите области на јавниот живот, ускратувајќи им го правото на образование, работа во јавниот сектор, па дури и посета на јавни паркови.








