Во бурните дождови кои зафатија Калифорнија загинаа 17 лица, едно петгодишно дете се води за исчезнато, а властите наредија евакуација на бројни области, јавуваат агенциите.
Поројните дождови во последните два дена паднаа на заситена со вода земја и предизвикаа големи поплави, откорнати дрвја, излевање на патишта и прекин на сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, а на места порои беа однесени и автомобили.
Бројот на жртвите од невремето во последните недели се искачи на 17, а тоа е повеќе човечки животи отколку што одзедоа пожарите во последните две години, соопшти кабинетот на гувернерот Гевин Њусом.
Најмалку 34.000 луѓе беа замолени да ги напуштат своите домови.
„Нашето страдање не е завршено. Очекуваме невремето да продолжи до 18 јануари“, рече гувернерот на прес-конференцијата.
„Досега е потврдена смртта на 17 лица“, изјави тој, но бројот на жртви може да биде поголем.
Прекин на потрагата по исчезнати лица поради невремето
Во гратчето Пасо Роблс, на половина пат меѓу Лос Анџелес и Сан Франциско, петгодишно момче во понеделникот било однесено од вода и се води како исчезнато, објави шерифот.
Поплавата го заробила автомобилот во кој бил со мајка му, која ја извлекол сосед.
Властите мораа да ја прекинат потрагата во понеделникот поради невремето.
Во Бејкерсфилд двајца возачи загинаа кога дрво падна на патот, објави Лос Анџелес Тајмс.
Во вторникот, околу 110.000 домаќинства и бизниси останаа без струја, според страницата PowerOutage.
Националната метеоролошка служба (NWS) соопшти дека по краткото одморање во вторник навечер, ново невреме ќе ја погоди Калифорнија со дожд до 18 сантиметри на северот на таа американска држава.



Извор:n1.ba.info









