Саудиска Арабија ќе ги укине ограничувањата поврзани со КОВИД-19 за сезоната на Хаџ во 2023 година и ќе биде домаќин на ист број аџии како и пред пандемијата, соопшти во понеделникот Министерството за Хаџ и Умра на Саудиска Арабија.
Во 2019 година, последната година пред избувнувањето на пандемијата, околу 2,6 милиони луѓе извршија хаџ. Саудиска Арабија дозволи само ограничен број свои жители да го извршуваат хаџот во 2020 и 2021 година пред да пречека милион домашни и странски аџии во 2022 година.
Министерството за хаџ објави на Твитер дека Кралството Саудиска Арабија, дом на најсветите места на исламот во Мека и Медина, нема да воведува никакви ограничувања за оваа сезона, вклучително и старосни ограничувања, објави Ројтерс.
Во 2022 година, пристапот беше ограничен на аџиите на возраст меѓу 18 и 65 години кои беа целосно вакцинирани против коронавирусот и не страдаа од хронични болести.
Сезоната на хаџ се очекува да започне на 26 јуни 2023 година.
Со текот на годините, Кралството Саудиска Арабија потроши милијарди долари за да го направи еден од најголемите верски собири во светот побезбеден.









