Амбасадорката на Израел во Франција поднесе оставка, изјавувајќи дека повеќе не може да го претставува Израел под новата „екстремна“ влада на Бенјамин Нетанјаху. Во писмото до премиерот, Јаел Герман напиша дека не може да се „лаже“ себеси и да продолжи да „застапува политики кои се толку радикално различни од она во што јас верувам“, пренесува Jewish News.
„За жал, владата што ја формиравте и ја водите вклучува претставници на партии чии екстремни ставови се изразени во нејзините насоки, во нејзините политики и изјави за законите. Тие идеи во мои очи се нелегитимни, како и најавените закони“, напиша таа. Вакви оставки на амбасадори не се вообичаени. Тоа доаѓа во време на широки критики за владата на Нетанјаху. Американскиот државен секретар Блинкен веќе суптилно ја изрази својата загриженост и го критикуваше можното проширување на еврејските населби на окупираниот Западен Брег под директива на новата конзервативна влада. Во Израел, поранешни судии на Врховниот суд, ветерани од армијата и некои претставници на важни технолошки компании изразија загриженост. Додека владата на Нетанјаху положи заклетва вчера, илјадници демонстранти протестираа пред парламентот на Кнесетот, некои стравувајќи од законот што може да дозволи дискриминација на ЛГБТК луѓето.









