Еден од најдобрите српски фудбалери на сите времиња, а подоцна и тренерот Синиша Михајловиќ, почина по тешко и долго боледување на 53-годишна возраст, објави Газета дело спорт.
Михајловиќ почина во болница во Италија опкружен со своето семејство. Здравствената состојба претходните денови ненадејно му се влоши, неколку пати ја победи порочната болест, но леукемијата „покажа заби“ и засекогаш му стави крај на животот, пренесуваат медиумите.
Михајловиќ беше вакциниран три пати против КОВИД, но не можеме да ги поврземе вакцините со неговата смрт, бидејќи тој се бореше со леукемија уште пред хистеријата со KОВИД.
Роден е на 20 февруари 1969 година во Вуковар, а професионалната фудбалска кариера ја започна во 1988 година во Војводина. Во декември 1990 година Црвена звезда го купи за милион марки, што беше апсолутен рекорд во југословенскиот фудбал. Во црвено-белиот дрес повеќе играше во средината, а дури по заминувањето во Рома во летото 1992 година почна да игра на позицијата „лев бек“. Две години подоцна е во Сампдорија, а таму е „либеро“. Следуваше ангажманот во Лацио, а тој ги закачи копачките во Интер.
Во текот на својата кариера освои 16 трофеи: пет титули во лигата, Купот на шампионите, Купот на европските победници на куповите, четири Купови на Италија, Интерконтиненталниот куп, Суперкупот на Европа и три Суперкупа на Италија.
До денес го држи рекордот во Серија А со 28 постигнати голови од слободен удар. Во Бразил еднаш му ја измериле моќта на ударот и утврдиле дека топката патува со брзина од 165 километри на час.
Во историјата на најважната споредна работа во светот имаше и други легендарни изведувачи на слободни удари, но Миха се покажа како најкреативен.








