Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е започната невидена агресија против Русија со цел да се уништи нејзината економија.
Пресметката на Западот дека ќе ја уништи руската економија, сепак, не беше точна, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Како што е познато, беше спроведена невидена санкциона агресија против Русија.

Таа има за цел суштински да ја уништи нашата економија во најкус можен рок, да ја ослабне валутата на националната рубља со ограбување на нашите девизни резерви и да предизвика разорна инфлација“, рече Путин на седницата на Советот за стратешки развој и национални проекти.

Според него, пресметката на Западот дека руската економија ќе биде уништена не била оправдана, граѓаните на Русија покажале единство и одговорност.

„Таа пресметка, како што гледаме, сите гледаат, не беше оправдана.

Руските претприемачи, властите работеа мирно и професионално, граѓаните покажаа единство и одговорност“, рече Путин и додаде дека Русија благодарение на заедничката работа на Владата, Банката на Русија и другите субјекти успеала да ја стабилизира ситуацијата.

Тој посочи дека Русија ќе бара партнери меѓу земјите кои сега динамично се развиваат – во Азија и Латинска Америка.

„Ќе бараме други, поперспективни партнери во регионите на светската економија, кои се во фаза на активен раст.

Тоа се Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка.

Ќе ги преориентираме испораките на руски енергетски производи на пазарот на пријателските земји“, додаде Путин.

Рускиот претседател рече и дека, без оглед на санкциите, Русија ќе продолжи да оди напред, потпирајќи се на сопствените ресурси.

Западните земји воведоа неколку пакети санкции против Русија поради ситуацијата во Украина.

Путин претходно изјави дека политиката на задржување и слабеење на Русија е долгорочна стратегија на Западот, со цел да се влошат животите на милиони луѓе.

„Пад на рускиот БДП оваа година за 2,5 отсто“

Рускиот бруто домашен производ (БДП) ќе се намали за околу 2,5 отсто во 2022 година, најави денеска рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на Советот за стратешки развој и национални проекти.

„Намалувањето на БДП до крајот на годината се предвидува да биде околу 2,5 проценти“, рече тој, додавајќи дека западната пресметка „за падот на руската економија, како што гледаме, како што гледаат сите, не се оствари“. пренесува агенцијата Тасс..

Путин изјави дека Русија ќе ја прошири трговската соработка со новите партнери, вклучително и пренасочување на протокот на гас кон своите источни соседи, како дел од борбата против западните санкции.

Во телевизиско обраќање, како што јави Ројтерс, шефот на руската држава рече дека Русија ќе развие економски односи со партнерите во Азија, Африка и Латинска Америка со цел да ги спречи напорите на Западот да го изолира економски.

„Ќе ги отстраниме ограничувањата во логистиката и финансиите.

Со воведување санкции, западните земји се обидоа да ја турнат Русија на периферијата на светскиот развој.

Никогаш нема да тргнеме по патот на самоизолација.

Напротив, ја прошируваме и ќе ја прошириме соработката со секој што е заинтересиран за тоа“, рече тој.

Според него, санкциите наметнати на Русија отвораат нови можности и станаа поттик за изградба на економија која има целосен суверенитет.

„Санкциите поставија многу тешки задачи пред нашата земја.

Имаше проблеми со компоненти, немање технолошки решенија, нарушувања во нормалното функционирање на логистиката.

Од друга страна, отвора нови можности и станува поттик за изградба на економија која има целосен, а не делумен, технолошки, производствен, кадровски и научен суверенитет“, рече Путин.

Како што јави Тасс, тој нагласи дека е важно не само да се заменат некои увезени артикли со домашни, туку дека е неопходно „да се постигне лидерство во клучните, витални области, како што се вештачката интелигенција, преносот на податоци, новите индустриски технологии“.

Тој потсети и на неговиот план за изградба на нов „гасен центар“ во Турција, наведувајќи дека цените за продажба на гас во Европа ќе се дефинираат со помош на таа „електронска платформа“.

Путин рече дека Русија нема потреба да позајмува во странство и дека „благодарение на силниот платен биланс… не мора да биде во ропство“.

„Отпорноста на јавните финансии на Русија е зачувана.

Од крајот на јануари до ноември оваа година, федералниот буџет забележа суфицит од 560 милијарди рубљи (8,22 милијарди евра), а консолидираниот буџет суфицит од 1,45 трилиони рубљи (21,3 милијарди евра)“, прецизираше рускиот лидер.

Путин најави и дека Русија во последните пет месеци извезла околу 22 милиони метрички тони жито, најмногу во азиските и африканските земји и дека е подготвена да испорача уште 4-5 милиони тони до крајот на годината.