33 лица се повредени во несреќата во која се судрија трамвај и автобус во квартот Ејупсултан во турската метропола Истанбул. По несреќата на местото биле испратени голем број болнички, полициски и противпожарни возила.

По судирот трамвајот излетал од шините, а автобусот удрил во друго возило на патот. Локалните власти соопштија дека во несреќата се повредени 33 лица. Повредените со возило на брза помош биле пренесени во болниците. Пожарникарите спасиле едно лице кое било заглавено во автобусот по судирот.

Спасувачките екипи го разделиле автобусот на два дела за со кран и шлепер да го извадат од местото на несреќата. Сите одделни делови од автобусот биле натоварени во камион и одвлечени, а трамвајот бил качен на шините и влечен од таа локација. Гувернерот на Истанбул Али Јерликаја на својот профил на социјалните мрежи им посака брзо закрепнување на сите повредени.