Репрезентацијата на Англија, иако традиционално не освојува речиси ништо, традиционално е еден од фаворитите на Мундијалот, но нејзините навивачи предизвикаа различни реакции во земјата домаќин на првенството, Катар.

Англија пред два дена го одигра првиот натпревар на Светското првенство и со високи 6:2 ја совлада селекцијата на Иран. Иако Иран не е вистинскиот репер, Англија изгледаше силно, но избраниците на Герет Саутгејт покажаа голема желба да одат до крај откако беа поразени во финалето на претходното ЕУРО.

Фудбалерите на Англија со одличната игра и ефикасност го привлекоа вниманието на себе, а истото го направија и навивачите на оваа земја со својот контроверзен стил на облекување. Имено, англиските навивачи допатуваа во Доха облечени како војници на крстоносците, што предизвика, благо кажано, зачуденост кај домаќините и кај останатите навивачи.

„Изгледа дека некои жители на Доха биле вознемирени од изборот на облека, имајќи предвид дека тоа алудира на верските војни помеѓу 1095 и 1291 година за заземање на светата земја.

Навивачите облечени како крстоносци позната се глетка на натпреварите на Англија во странство низ годините ама оваа облека ќе биде многу поконтроверзна на првото Светско првенство одржано во муслиманска земја“, пишуваат медиумите во Англија.

„Господе чувај го кралот“ пееја Англичаните.

Некои останаа шокирани, но некои од нив побараа селфи. По првото коло Англија е прва во групата Б со три бода, а Велс и САД имаат по еден бод кои одиграа 1:1. Следниот меч Англичаните го играат за два дена против САД од 20 часот, додека во последното коло на 29 ноември ќе ги одмерат силите со Велс во островското дерби.