Американскиот производител на пиво, Бадвајзер, еден од официјалните спонзори на Светското првенство во Катар, се најде во неволја поради одлуката да се забрани алкохолот на сите стадиони во последен момент пред почетокот на првенството.
Затоа се одлучиле на интересен маркетиншки потег, пренесува CNN. Поради забраната за послужување алкохол на стадионите во Катар, Бадвајзер сега може да служи само безалкохолно пиво. По таа одлука, компанијата на својот официјален профил на Твитер објави дека на победникот на Светското првенство ќе му ги донира сите залихи од пиво кои беа испорачани во Катар.
– Нов ден, нов твит. Победничкиот тим ќе го добие целото испорачано пиво. Но, кој ќе го освои? – стои во соопштението на Бадвајзер. Бадвајзер требаше да обезбедува пијалоци на стадионите и фан зоните во Катар, но челниците на ФИФА потклекнаа на притисокот на катарските власти и потврдија дека на ниту еден стадион нема да се продава алкохол, што би можело да ја чини пивската компанија и до 40 милиони долари. Десетици илјади лименки пиво „Бадвајзер“ останаа неискористени и натрупани во магацин во Доха, откако челниците на ФИФА, во разговори со организаторите на Светското првенство во Катар, одлучија 48 часа пред почетокот на Светското првенство да не се служат алкохолни пијалоци, што ќе резултира компанијата да бара компензација од ФИФА.
Бадвајзер требаше да се служи во навивачките области околу секој стадион, но не и на трибините на стадионот или на терените. Тоа е лоша вест за спонзорот, кој моментално има договор вреден околу 70 милиони долари со ФИФА за ова Светско првенство, како и за Светското првенство во 2026 година во Мексико, Канада и САД.
(Vijesti.ba / ФЕНА)










