Израелските власти во петокот протераа палестинско семејство од нивниот дом во Стариот град Хеброн на јужниот окупиран Западен Брег, јавува AA.
Општина Хеброн го отфрли потегот на Тел Авив, наведувајќи во соопштението дека куќата е општинска сопственост.
Се додава дека семејството на Бадер Бејтс, кое живеело во куќата, било иселено без претходно предупредување.
„Ова е неправеден потег, објектот е во сопственост на општината и таа преку својот правен тим ќе ги преземе потребните законски мерки за да го врати“, соопштуваат од општината.
Областа на Стариот град во Хеброн е под целосна контрола на израелската армија, со 400 доселеници кои живеат таму и го чуваат речиси 1.500 израелски војници.
Хебронскиот протокол, потпишан од Израел и Палестинската ослободителна организација (PLO) во 1997 година, го подели градот на две области: H1, која сочинува околу 80 отсто од станбената област на градот каде одговорноста ја презема палестинската управа, и H2, каде што Израел ги задржува сите овластувања и одговорности, вклучително и Ибрахими џамијата и Стариот град.











