Конференцијата за климата на ОН (COP 27) во Египет ќе биде продолжена до утре поради тешките преговори на учесниците, пред се за создавање фонд за сиромашните земји, сериозно погодени од климатските промени. Шефот на египетската дипломатија, Самех Шукри, кој претседава со конференцијата, изјави дека е „решен да ја заврши“ средбата утре и ги повика страните да ги забрзаат преговорите, пренесе Франс прес.
„Сè уште сум загрижен за многуте отворени прашања, кои вклучуваат ублажување и финансирање на загубите и штетите (предизвикани од климатските промени)“, истакна Самех Шукри. Египет утрово претстави нов нацрт на сеопфатниот документ, половина од должината на претходниот документ од 20 страници, кој беше критикуван како предолг, нејасен и збунувачки. Сепак, во новиот предлог има малку новост, а содржи многу опции за кои допрва треба да се одлучува.
ЕУ доцна во четврток, 17.11.2022. презентираше неочекуван предлог кој може да ги зголеми шансите за постигнување договор. Предлогот го поврзува прашањето за компензација на сиромашните земји за природни катастрофи кои произлегуваат од климатските промени со поостро намалување на емисиите на штетни гасови.
Претставникот на ЕУ за климата, Франс Тимерманс, изјави дека предлогот на Унијата за финансирање и ублажување на загубите и штетите е „конечна понуда“ која се обидува да „најде компромис“ меѓу земјите. Во преговорите на Конференцијата, прашањето за загубите и штетите се однесува на идејата дека богатите земји, кои историски најмногу придонеле за климатските промени, треба да ги компензираат земјите во развој, кои се најпогодени. Ублажувањето се однесува на напорите за забавување на глобалното затоплување, како што е драстично намалување на емисиите на стакленички гасови.
(Vijesti.ba / Бета)










