Вооружени напаѓачи на мотоцикли во Иран убија девет лица, вклучително и две деца, во мистериозни напади додека протестите за смртта на Махса Амини се интензивираа на годишнината од крвавата репресија врз цивилите во 2019 година.
Еден демонстрант беше убиен во четвртокот во Букан, соопшти групата за човекови права Hengaw со седиште во Осло, откако објави дека најмалку 10 загинале во улични борби во западен Иран во средата. Нападите со мотоцикли се случија во време на протести поради смртта на Махса Амини на 16 септември во полициски притвор по нејзиното апсење за наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран, а протестите сега се интензивираат на третата годишнина од крвавото задушување на немирите поради поскапувањата на горивото.
Немирите беа поттикнати од гневот на јавноста поради бруталното спроведување на законот за задолжителен хиџаб, но прерасна во широко движење против теократијата што владее со Иран од Исламската револуција во 1979 година. Во едно од најтешките насилства од почетокот на протестите, напаѓачите на мотори убија седум лица, меѓу кои една жена и две деца на возраст од девет и 13 години, во западниот град Изех во средата вечерта, објавија државните медиуми.
– Терористичката група го искористила собирот на демонстрантите пред централниот пазар за да отвори оган врз луѓето и безбедносните службеници – пренесе официјалната новинска агенција ИРНА. Осум лица се ранети, меѓу кои тројца полицајци и двајца членови на паравоените сили Басиџ поврзани со Корпусот на гардата на Исламската револуција, додаде ИРНА. Ова е втор напад за кој властите ги обвинуваат „терористите“ откако избија протести ширум земјата поради смртта на Амини, откако најмалку 13 лица беа убиени во храм во градот Шираз на 26 октомври.
(Vijesti.ba / ФЕНА)










