Русија не е вмешана во инцидентот со падот на проектилот на полска територија, изјави утринава турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Морам да го почитувам ставот на Русија, која рече дека тоа не е нејзин проектил. Тоа е важно за нас“, рече Ердоган, одговарајќи на прашања на новинарите на самитот на Г-20 на индонезискиот остров Бали, пренесува Ројтерс.

Турскиот лидер повика и на темелна истрага за инцидентот. Ердоган укажа на, според него, важните изјави на американскиот претседател Џо Бајден, кој посочи дека ракетите што паднале на полска територија веројатно не биле истрелани од Русија. „Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека тие се во контакт едни со други заедно со уште шест земји од НАТО. Имаше и важна изјава на Бајден. Верувам дека инсистирањето дека ракетите се од руско производство ќе го влоши прашањето. Се обидуваме да ги доведеме Русија и Украина на преговарачка маса што е можно поскоро. Во оваа смисла, сметаме дека таквите методи како провокации не се точни. Патот до мирот е преку дијалог“, инсистираше турскиот лидер.

Проектил падна во селото Пржеводов во источниот полски регион Лублин во вторник навечер во близина на границата со Украина, при што загинаа две лица. Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека засега нема докази кој ја истрелал проектилот. Полското Министерство за надворешни работи претходно тврдеше дека ракетата наводно била руско производство. Во меѓувреме, американскиот претседател Бајден рече дека достапните прелиминарни информации ги отфрлаат тврдењата дека ракетата што паднала врз Полска била истрелана од Русија. Како што рече американскиот лидер, „малку е веројатно дека е истрелан од Русија според линиите на траекторијата“.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските војници не гаѓале цели во близина на украинско-полската граница. Како што нагласи Министерството, фотографиите од фрагментите што ги објавија полските медиуми од местото на инцидентот немаат никаква врска со руски ракети, пренесува ТАСС.