Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина Алексеј Данилов денеска изјави дека Киев има докази за „руска трага“ во експлозијата во источна Полска, за која Варшава и НАТО велат дека најверојатно била предизвикана од украинска ракета за противвоздушна одбрана.
Данилов не даде детали во врска со тоа тврдење, објави Ројтерс. Данилов рече дека Украина сака заедно со своите партнери да го истражи инцидентот што се случи во Полска и да ги види информациите што се основа за заклучоците на нејзините сојузници. Киев е целосно отворен за сеопфатна истрага на инцидентот, напиша Данилов на официјалната Фејсбук страница на Советот за национална безбедност.
Постапката ја водат полски и американски експерти, а доколку некому би му се дозволило да учествува во таа постапка, ќе биде потребна барем согласност од двете страни – изјави полскиот претседател Анджеј Дуда на прес-конференција запрашан за коментар за изјавата на Данилов. .
Дуда претходно изјави дека постои голема веројатност проектилот да е истрелан од украинската противвоздушна одбрана. Две лица загинаа во вторникот во експлозија во источна Полска, во близина на границата со Украина, соопштија полските власти, без да прецизираат чија е ракетата. Дали Киев ќе ги презентира објективните докази што ги има за „руската трага“ или тоа ќе продолжи да биде само уште едно неосновано обвинување во серија, ќе видиме по подетална истрага.








