Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во средата дека експлозијата, во која загинаа две лица во Полска, несомнено не била предизвикана од украински проектил, пренесува украинската новинска агенција Интерфакс.

Во вторникот две лица загинаа во ракетна експлозија во селото Пржеводов, во источна Полска, во близина на границата со Украина, што предизвика тревога низ целиот свет, бидејќи проектилот падна врз членка на НАТО, која смета дека нападот врз една членка е напад врз целата Алијанса. „Не се сомневам дека тоа не беше наша ракета“, изјави Зеленски за украинските медиуми, а пренесува агенцијата Интерфакс.

Тој рече дека верува оти експлозијата во вторникот била предизвикана од руски проектил, додавајќи дека тоа се заснова на заклучоците на украинската војска, на која „не може да не им верува“. Зеленски го изјави ова откако Полска и НАТО алијансата рекоа дека најверојатно станува збор за залутана украинска ракета за воздушна одбрана, а не за руски напад. Украинскиот претседател рече дека верува оти на Украина веќе требало да и биде дозволен пристап до местото на експлозијата.