Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека не постојат индикации дека вчерашната експлозија во Полска е резултат на намерен напад на територијата на Алијансата или дека има подготовки за таков напад, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ракетниот напад во Полска веројатно [беше] предизвикан од украинската воздушна одбрана“, рече Столтенберг по итниот состанок на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел поради експлозијата во руралниот дел на источна Полска, во близина на границата со Украина. Во експлозијата загинаа 2 лица.
Проценките на Столтенберг дека нападот најверојатно било грешка во истрелувањето од украинска страна е во согласност со првичните јавни изјави на американските и руските официјални претставници.
„Не постојат индикации дека Русија планира офанзивна воена акција против која било земја од НАТО“, нагласи Столтенберг, додавајќи дека истрагата за инцидентот е во тек.
Но тој, исто така, рече дека Русија ја сноси „крајната одговорност“, бидејќи смртоносната експлозија вчера во Полска е директен резултат на тековната војна во Украина, која Москва ја започна кон крајот на февруари.
Нагласувајќи дека сојузниците од НАТО одговорно реагирале на инцидентот, Столтенберг додаде дека справувањето со ваквите инциденти е да се биде смирен и да се спречи каква било непотребна ескалација.
Проектилот падна во селото Пржеводов, во источна Полска, кое се наоѓа во близина на границата со Украина. Експлозијата се случи на оддалеченост од 500 до 600 метри од основно училиште.










