Пентагон вечерва соопшти дека се уште не може да ги потврди информациите дека руски ракети паднале во Полска во близина на границата со Украина.

„Свесни сме за извештаите во печатот дека руски ракети погодиле локација во Полска во близина на границата со Украина. Можам да ви кажам дека во моментов немаме никакви информации за да ги потврдиме тие извештаи и дека го разгледуваме дополнително, – изјави генералот Патрик Рајдер на брифинг со новинарите.

Пожарникарите во Полска денес соопштија дека две лица загинале во експлозија во Пржеводов, село во источна Полска, во близина на границата со Украина. Полското радио ЗЕТ претходно објави дека две залутани ракети го погодиле Пржеводово во вторникот, при што загинале две лица, без да даде дополнителни детали.